2 Kings 18
1 Во третата година од владеењето на израелскиот цар Осија, синот на Ила, стана цар Езекија, син на јудејскиот цар Ахаз.
2 Тој беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше дваесет и девет години во Ерусалим; мајка му се викаше Ави, ќерка на Захарија.
3 Тој го правеше она што беше правилно пред очите на Господ, онака како што правеше неговиот предок Давид.
4 Тој ги урна идолските светилишта, ги исече столбовите Ашерини и ги скрши спомениците од камен и бронзената змија што Мојсеј ја беше направил; зашто дури до оние дни Израеловите синови ѝ кадеа и ја нарекуваа Нехуштан.
5 Во Господ, Бог Израелов, тој се надеваше; и како него немаше меѓу сите јудејски цареви — и по него, и пред него.
6 Тој се приврза кон Господ, не отстапувајќи од Него и ги пазеше заповедите Негови, кои Господ му ги беше дал на Мојсеј.
7 И Господ беше со него: насекаде, каде и да одеше, тој постапуваше благоразумно. И востана тој против асирскиот цар и престана да му служи.
8 Тој ги порази Филистејците до Газа и нејзината околина: од стражарската кула до утврдувањето на градот.
9 Во четвртата година од владеењето на царот Езекија, односно во седмата година на Осија, синот на Ила, цар израелски, асирскиот цар Салманасар тргна против Самарија, ја опседна,
10 и по три години ја презеде, — во шестата година на Езекија, односно во десеттата година од владеењето на израелскиот цар Осија, Самарија беше преземена.
11 И асирскиот цар ги пресели Израелците во Асирија, и ги насели во Халах и покрај реката Хавор во Гозан, и во градовите на Мидија,
12 зашто тие не го послушаа гласот на Господ, својот Бог, и го прекршија заветот Негов: сѐ што беше заповедал Мојсеј, слугата Господов, тие ниту го слушаа, ниту го исполнуваа.
13 Во четиринаесеттата година од владеењето на царот Езекија асирскиот цар Сенахирим тргна против сите утврдени градови во Јудеја и ги презеде.
14 Тогаш јудејскиот цар Езекија испрати до асирскиот цар во Лакиш да кажат: „Погрешив; оди си од мене; сѐ што ќе ми наложиш, ќе поднесам.“ И асирскиот цар му наложи на јудејскиот цар Езекија да плаќа триста кикари сребро и триесет кикари злато.
15 И Езекија го даде сето сребро што се најде во домот Господов и во ризницата на царскиот дом.
16 Тогаш Езекија го симна златото од вратата на домот Господов и од столбовите до вратата, кои тој, јудејскиот цар Езекија, ги беше позлатил, и му ги даде на асирскиот цар.
17 И асирскиот цар ги испрати главниот командант, шефот на штабот и царскиот аѓутант од Лакиш кај царот Езекија во Ерусалим со голема војска. И тие тргнаа и дојдоа до Ерусалим. А кога пристигнаа и запреа кај водоводот на горното езеро, кој се наоѓа на патот кон нивата на валавичарот,
18 и кога го повикаа царот, пред нив излезе Хелкиевиот син Елијаким, управник на дворецот, и писарот Севна, и летописецот Јоах, Асафовиот син.
19 И им рече аѓутантот на асирскиот цар: „Кажете му на Езекија: вака вели големиот цар, царот на Асирија: ‚Со каква верба вие се надевате?‘
20 Ти зборуваш: ‚Имам ум и сила за војување.‘ Но тоа се само празни зборови. Во чие име се крена против мене?
21 Ете, ти мислиш да се потпреш на Египет, на таа скршена трска, на која, ако некој се потпре на неа, ќе му влезе во раката и ќе му ја продупчи. Таков е фараонот, египетскиот цар, за сите што имаат доверба во него.
22 Ако, пак, ми кажете: ‚на Господ, нашиот Бог, се надеваме,‘ не е ли тоа Оној, Чии светилишта и жртвеници Езекија ги урна, велејќи му на Јуда и на Ерусалим: само пред тој жртвеник поклонувајте се во Ерусалим?
23 И затоа, склучи сојуз со мојот господар, асирскиот цар; ќе ти дадам две илјади коњи; можеш ли да најдеш за нив коњаници?
24 Како ќе одбиеш ти еден водач од најмалите слуги на господарот мој? А се потпираш врз Египет заради коли и коњаници?
25 Притоа, зар јас без волјата Господова сум тргнал против ова место за да го сотрам? Господ ми рече: ‚оди против таа земја и сотри ја.‘“
26 Тогаш Хелкиевиот син Елијаким, и Севна, и Јоах му одговорија на царскиот аѓутант: „Зборувај им на слугите свои на арамејски, зашто разбираме, а немој да ни зборуваш на јудејски да слуша народот што е на ѕидот.“
27 А царскиот аѓутант им рече: „Зарем само до твојот господар и до тебе ме испрати господарот мој да ги кажам тие зборови? Не, а и на луѓето што седат на ѕидот за да го јадат изметот свој и да ја пијат мочта своја заедно со вас.“
28 И стана царскиот аѓутант, извика со силен глас на јудејски и зборуваше, велејќи: „Чујте ги зборовите на големиот цар, царот на Асирија!
29 Вака вели царот: Нека не ве мами Езекија, зашто тој не може да ве спаси од мојата рака;
30 и нека не ви дава лажни надежи Езекија со Господ, велејќи: ‚Господ ќе нѐ спаси, и нема да биде предаден овој град во раката на асирскиот цар!‘
31 Не го слушајте Езекија, зашто вака вели асирскиот цар: Склучете мир со мене и дојдете кај мене, и секој нека ги јаде плодовите на лозјето свое и на смоквата своја, и секој нека пие вода од својот кладенец,
32 додека да дојдам и да ве одведам во исто таква земја, како вашата земја, во земја со леб и вино, во земја со плодови и лозја, во земја со маслинови дрвја и мед за да живеете, а не да умрете. Затоа не слушајте го Езекија, кој ве мами и вели: — ‚Господ ќе нѐ спаси.‘
33 Дали некој од боговите на народите ја спасил својата земја од раката на асирскиот цар?
34 Каде се боговите на Хамат и Арпад? Каде се боговите на Сефарваим, на Хена и на Ива? Ја спасија ли тие Самарија од раката моја?
35 Кој од сите богови на тие земји ја избави земјата своја од мојата рака? Та зарем Господ ќе го спаси Ерусалим од раката моја?“
36 Народот молчеше и не му одговараше ни збор, зашто царот беше заповедал: „Не му одговарајте!“
37 И дојде Хелкиевиот син Елијаким, управник на дворецот, и Севна, писарот, и Асафовиот син Јоах, летописецот, дојдоа кај Езекија со раскината облека и му ги пренесоа зборовите на аѓутантот на асирскиот цар.